Македонски фудбалски веб сајт

Samo Fudbal


Активизмот во Македонија

напишано на September 20, 2009 од admin

1.ОПШТА СОСТОЈБА

За да се сфати состојбата со активизмот во Македонија, мора најпрвин да се сфати општата состојба во која се наоѓа земјата. Затоа како вовед во ова мое излагање ќе се обидам да направам еден кус приказ на различните аспекти кои влијаат на квалитетот на живот во мојата земја и преку кои може најдобро да се отслика што точно се случува во Македонија.

1.1.Суров капитализам

Еден од најголемите апсурди што се случија во Македонија во овој транзициски период е фактот дека приватизацијата ја направија поранешните таканаречени комунисти, односно, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Со спрегите и зависноста што таканаречената левица ја има со новите капиталисти нејзе и стана невозможно да ја води борбата против наметнувањето на капиталистичките концепти. Во меѓувреме не се појави вистинска народна или работничка партија што ќе ја води оваа борба.

Ова придонесе земјата во изминативе две децении да постои без фактичка левица. Тоа, како што подолу ќе објаснам, имаше далекусежни последици на речиси сите области на активизмот.

Приватизацијата беше извршена на криминален начин. На хартија, акции од фабриките им беа поделени на работниците, но фактички, преку разни манипулации и уцени, целиот имот се концентрираше во рацете на менаџерските тимови. Другата варијанта на приватизација беше, повторно со учество на менаџерските тимови, намерно банкротирање на фирмите за надворешни инвеститори да ги купат речиси без пари.

Еден преглед на капиталистичката класа во Македонија ќе покаже дека, со мали исклучоци, таа се збогатила претежно со непроизводствени дејности и трговија, што ја прави доста конзервативна и реакционерна, наспрема прогресивната улога што ја имала во минатото кога ја финансирала просветата и револуционерните организации на земјата.

1.2.Работничките права

Уште од почетокот на деведесетите работничките права се во постојана дефанзива. Сите владејачки гарнитури досега кастрењето на правата го оправдуваше со усогласување со европските закони и со правење амбиент за влегување на странски инвестиции, што е друго има за влезот на империјалистичките интереси на западните и соседните држави. Тука предничи грчкиот.

Односот на власта кон работничките права најдобро може да се отслика со изјавата

што пред неколку години ја даде еден министер на поранешната влада што ја водеа социјалдемократите – „работниците во државава се заштитени како мечки во планина“, со што сакаше да го оправда пакетот за кратење на работничките права.

Ако тоа беше случај со социјалдемократите, со сегашнава демохристијанска гарнитура работите тргнаа уште полошо. Минатата година владата презеде обемен проект за кратење на работничките права. Еве дел од тоа што содржеше проектот:

Работодавците, според измените на Законот за работни односи, може да вработат нов работник на местото на отпуштениот, а притоа да не му го понудат истото место на оној што го отпуштиле. Ако работодавец незаконски избрка работник, повеќе не е должен да го врати со надомест од 70 отсто од загубената заработувачка, туку по договор. Имајќи ја предвид положбата на најголем дел од невработените во Македонија, не е тешко да се погоди дека договорот ќе биде 0 отсто. Отсега работодавачите можат на работниците да им понудат други работни места ако не им се потребни.

Најлошо во целата оваа работа е што одговорот на синдикатите се состоеше само во закани и декларативни најави за штрајк. Штрајк не се случи.

1.3.Образование и здравство

Образованието и здравството се исто така мета на наметнување на неолиберални концепти.

Чекорите за реформи во здравството кои ги презема последнава влада водат кон пазарно ориентирано здравство, што во суштина значи напуштање на солидарниот концепт. Крајниот резултат од таквите потези е здравство во кое квалитетна услуга и квалитетни лекови добиваат само оние што може да платат. Другите се препуштени во рацете на корумпираното државно здравство.

Што се однесува до образованието и тука работите не се сјајни. Прво, иницијативите за воведување приватно основно образование кои беа спроведени изминативе години покажуваат тенденција капиталот да влезе и во најчувствителниот дел од образовниот процес. Ваквиот чекор, кој не наиде на вистински отпор кај општеството, ќе значи раслојување уште од најмала возраст, што понатаму ќе резултира со заострување на класните разлики.

Второ, комерцијализацијата на образованието и третирањето на знаењето како стока исто така не наидува на вистински сериозен отпор кај студентитет. За жал, и тука реакциите се спорадични. Дури и најпрогресивниот дел на студентите ја поддржува партиципацијата како оправдана и ги прифаќа образложенијата дека тоа е единствен начин да се зачува автономијата на универзитетите и да се обезбеди квалитетна настава.

Трето, условите во кои живеат студентите се очајни. Студентските домови се во распаѓање и често се случува санитарни инспекции да затворат делови од нив поради немање основни хигиенски услови. Покрај тоа, во нив нема доволно место за сите на кои им треба, па корумпираните студентски раководства и администрација ги користат за уцени на студентите. И тука нема соодветна реакција.

1.4.Политички партии

Во Македонија изминатиов период не се етаблираше вистинска народна или работничка партија што ќе ги штити и што ќе се бори за правата на најниските класи. Со тоа гласот на еден огромен дел од населението остана неартикулиран во политичкиот живот.

Ситуацијата е уште полоша и ако се земе предвид фактот дека не се појави ниту непартиска организација или мрежа на организации кои со своето делување ќе притискаат барем за подобрување на состојбата. Невладините организации и самите признаваат дека е направена грешка кога се воспостави едно непишано правило да бегаат од политички теми. Со тоа се лишија себеси од можноста да влијаат на донесувањето на важните одлуки и се ограничија на маргинални и локални теми.

Сето тоа на политичките партии им остави бришан простор да го партизираат општеството и да наметнат теми од интерес на елитите кои стојат зад нив.

1.5.Национализам и милитаризам

Сите погоре наведени елементи, заедно со албанското прашање и нерешениот проблем со името, беа плодна почва за развој на силен национализам и напуштање на првично декларираниот концепт на држава на сите граѓани, без етнички ексклузивитети. Клучен документ што овде мора да се спомене е Охридскиот рамковен договор со кој заврши конфликтот од 2001 година кој можеше да прерасне во интеретничка војна меѓу албанското и неалбанското население. Во договорот Албанците добија дел од она што и без конфликтот требаше да го добијат да не беше калкулантската и популистичка политика на македонските политичари. Но, во договорот, беа вметнати и некои одредби кои не им одат во прилог на граѓаните на Македонија – како гарант на договорот се јавуваат Американците и претставниците на ЕУ, нешто на што западните сили ќе се повикуваат секогаш кога треба да се донесуваат одлуки од нивни интерес, па можеа да влијаат на нив.

Се востанови една вонзаконска пракса на донесување на клучните одлуки на лидерски средби на партиите со посредство на амбасадорите, па наместо парламентот или владата, клучните одлуки ги носеше овој племенски совет кој не е дефиниран во ниеден акт и не одговара пред никого освен пред странските дипломати.

Овде сакам да го посочам вниманието на албанското прашање. Албанските политички партии во политичкиот живот во Македонија имаат силно реакционерно влијание и постојано на дневен ред ги поставуваат етничките прашања, не како прашања на човекови права, туку како борба за интересите на албанското население во земјата. Во ова, секако, тие имаат обилна помош од македонските националисти.

Причина за националистичка еуфорија во моментов е и проблемот со Грција, прашање од кое актуелниот македонски премиер и неговата партија со популистички методи собираат рејтинг поени. За ова прашање ние во неколку прилики сме дискутирале со другарите од Грција и преземаме чекори да покажеме дека постои и друга страна на проблемот.

2. АКТИВИЗМОТ

Како што неколку пати напоменав, активизмот во Македонија се случува спорадично, неорганизирано и стихијно. Постојат неколку активни иницијативи и организации, но нивната активност и вмреженост ни оддалеку не можат да одговорат на предизвиците.

2.1.Беда на духот

Војните што се водеа во поранешна Југославија имаа силно влијание на она што се случуваше во Македонија. Страдањата на братските народи влеаја страв кај народот што политичарите на вешт начин го искористуваа за да добијат на изборите и да ги оправдаат своите постапки. Вечна тема на предизборните дебати беше опстанокот на земјата, што и денес се користи за да се оправдаат некои чекори, како на пример пристапувањето кон воената алијанса НАТО.

Осамените гласови за сиромаштијата и невработеноста се губеа во хорското заплашување за опстанокот на државата и нацијата. Фактот што овие прашања почнаа се посериозно да продираат во темите на јавниот живот не се должи на притисокот што доаѓа одоздола, туку поради тоа што старите слогани веќе не се ефективни и со нив не може да се добијат гласови.

Што се однесува до марксизмот, тоа во моментов во Македонија е заборавена и оцрнета наука, и секој што зборува за неа во јавноста не е сметан за сериозен. Како и многупати во историјата негови најголеми критичари се оние што најмалку го познаваат. Токму тука редакцијата на Нова искра, од каде што доаѓам, ја гледаме нашата задача – на една генерација млади активисти да им дадеме можност да се запознаат и да ја сфатат, за да им послужи како оружје во борбата за подобро општество.

2.2.Спорадичен отпор

Отпорот главно се состои од поединци или помали организации кои своите ставови ги изнесуваат некоординирано едни со други, поради што и ефектите се помали. Иднината ќе покаже дека за поголем успех ќе биде потребно што почести заеднички активности, па и формирање мрежа или заедничка организација која можеби ќе води и кон формирање на политичка партија. Ова секако не е лесна задача и тешко е да се очекува во скоро време.

Во меѓувреме, главните форми на активности се повремените трибини и протестни собирања. Сериозна улога во покренувањето на она што денес се случува изигра и интернет и посебно блоговите.

Ако ги исклучиме оние од почетокот на деведесеттите, кога и постоеја обиди да се конституираат помасовни активистички организации, па и работнички партии, најголемите акции се случија последниве пет-шест години.

Најпрвин беше создадена една неформална група која ги обедини дел од поранешните активисти и млади прогресивни интелектуалци. Прва акција беше акцијата „Не пиеме нафта“ за повлекување на македонските војници од Ирак. Потоа беше покрената иницијатива против влегувањето на земјава во НАТО, на што добивме поддршка и ги воспоставивме контактите со Грчките другари и формиравме заедничка антинационалистичка иницијатива.

Соработката со грчките другари беше силен поттик, па наскоро беше формирано движењето за социјална правда Ленка, која за жал не успеа во себе да ги апсорбира сите потенцијали на активистите. Покрај Ленка, функционираат уште неколку групи како што е на пример невладината организација „Мировна акција“, уште една група собрана околу списанието Осумка, како и онаа од која доаѓам и јас собрана околу списанието Нова искра. Овие и други организации се почесто преземаат координирани активности како на пример онаа по повод 60-годишнината од постоењето на воената алијанса НАТО, а перманентно изразуваат поддршка за развојот на студентското движење.

2.3.Студентско движење

Еден од клучните моменти за развојот на активизмот е студентското движење, па со право има еден премолчен консензус за тоа дека треба да се работи поинтензивно на развојот на здраво студентско движење. Радуваат последните акции на студентите од почетокот на летото, кои резултираа со отворање на студетското радио кое наскоро треба да почне да работи. Ова би требало максимално да се искористи за да им се отвори патот на нови студентски иницијативи и активности. Со тоа активизмот во Македонија ќе добие дополнителна енергија, а секако и масовност.

17 Trackbacks/Pingbacks

  1. 28 11 09 19:43

    WebLogger

  2. 29 11 09 21:57

    Alexander

  3. 01 12 09 19:43

    Anatoliy

  4. 04 12 09 01:27

    Olga

  5. 04 12 09 10:40

    Vitaliy

  6. 05 12 09 02:40

    Jork

  7. 09 12 09 13:07

    Igor

  8. 10 12 09 20:34

    Александр

  9. 11 12 09 06:56

    Сергей

  10. 18 12 09 00:13

    Вячеслав

  11. 07 01 10 20:01

    Ivanov

  12. 12 01 10 21:52

    SuperMan

  13. 16 01 10 12:08

    Kostya

  14. 18 01 10 05:10

    Joe

  15. 19 01 10 05:02

    Kolya

  16. 22 01 10 12:07

    Евстафий

  17. 23 01 10 20:47

    Костя


Leave a Reply


  • Избери категорија

  • Анкета

    анкета на Нова Искра
    Дали сметате дека треба да се плаќа данок кон државата?

    Да
    Не
    Не знам


↑ Top